Лино Червар го соопшти списокот од 16 ракометари со кои Хрватска ќе настапи на претстојното ЕП, од него го избриша својот пулен од Металург, Халил Јагањац. Младиот хрватски репрезентативец кој летово дојде во Скопје од вториот тим на ПСЖ, во Металург имаше посебен третман, но тој не го задоволи вкусот на Червар за да биде дел од тимот на „коцкестите“ што ќе настапи на ЕП.
Покрај Јагањац во последната селекција на Червар отпаднаа уште и голманот Иван Пешиќ, десните бекови Денис Бунтиќ и Шиме Ивиќ и пикерите Тин Контрец и Марино Мариќ.
Во одбраниот состав на Хрватска во походот кон европското злато ќе бидат тројцата вардарци – Иван Чупиќ, Игор Карачиќ и Лука Циндриќ.
Хрватска на ЕП ќе настапи во следниот состав: Алиловиќ и Стевановиќ (голмани), Чупиќ и Хорват (десни крила), Штрлек и Михиќ (леви крила), Вори и Муса (пикери), Дувњак, Мамиќ, Мандалиниќ и Гојун (леви бекови), Циндриќ и Карачиќ (средни бекови), Копљар и Степанчиќ (десни бекови).
Според правилата на ЕХФ секоја репрезентација има право на вкупно шест измени во текот на првенството, најмногу по две во секоја фаза.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА