ЕКИПА во Минхен,
Стеван Цаневски
Хрватска направи огромен чекор напред кон полуфиналето на СП 2019 откако вечерва во дерби-дуелот на групата Б ја совлада Шпанија со резултат 23-19. Лино Червар и неговите избраници ја добија тактичката битка со актуелните европски шампиони, пред се благодарение на беспрекорната одбрана на чело со голманот Марин Шего, кој ги откажа шпанските ракометари спуштајќи ја „црвената фурија“ под 20 постигнати голови.
Шпанците подобро влегоа во натпреварот и експресно поведоа со 3-1, но ситуацијата експресно се промени откако Шего стапи на сцена и нанижа неколку одлични интервенции. Хрватите добија на сигурност, па не само што многу брзо израмнија, туку и успеаја сериозно да се одлепат со тактиката „седум на шест“ создавајќи големи проблеми на одличната шпанска одбрана. По израмнетите 7-7 Хрватска постигна пет гола во серија и сериозно се одлепи, по што „црвената фурија“ намали на 13-10 до крајот на полувремето.
Се што Шпанците успеаја да сторат во вториот дел беше намалување на разликата на два гола (14-12, 15-13, 16-14), по што Хрватска повторно дојде до „плус четири“ (20-16). Червар и неговите избраници не дозволија победата да им биде доведена во прашање, го исконтролираа натпреварот до крај и заслужено триумфираа со 23-19.
Покрај извонредниот Шего на голот, најзаслужни за победата беа Хорват со осум и Муса со шест погодоци, додека прв стрелец на поразената Шпанија вечерва беше Соле со пет постигнати гола.
Хрватска ќе биде единствена во новоформираната група во Келн со максимални четири бода, Германија и Франција ќе пренесат по три, Шпанија два бода, додека Исланд и Бразил ќе влезат во втората рунда без бодови на своето салдо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА