Червар: Јас го открив Циндриќ, а кога и да ми требаше, него никаде го немаше…

Лино Червар останува на ставот дека си заминува од клупата на хрватската репрезентација, но искусниот стратег на заминување се осврна на причините за слабиот настап на Хрватска на СП 2021. Изненадувачки, Червар го потенцираше Лука Циндриќ и неговата повреда како една од главните причини, набројувајќи неколку ситуации во кои одличниот бек не бил на располагање за националниот тим.

Токму Червар го донесе Лука Циндриќ во Металург во ситуација кога Наумче Мојсовски заработи тешка повреда на коленото, па Лино сега се чувствува изневерено од средниот бек.

„Јас го ценам Циндриќ, јас го открив и го препознав неговиот талент, го донесов во Металург. Којзнае дали сега ќе беше во Барселона, или ќе останеше во Огулин да не бев јас. И ќе дојде момент кога ќе ми треба, мене и на репрезентацијата, а него го нема. Се повреди во 2019 години, истото се случи и лани. Сега повторно и на овој светски шампионат. Секој тренинг го прашував каква му е состојбата, за на крај да ми биде речено дека не може да игра бидејќи повредата е пресериозна“, изјави Червар.

Тој смета дека улогата на селектор на Хрватска треба да му биде доделена на домашен стручњак пред неговиот поранешен ривал од дерби дуелите меѓу Вардар и Металург, Веселин Вујовиќ.

„Веселин Вујовиќ е тренер што го почитувам, тој има специфичен пристап, но приоритет мора да бидат хрватските тренери. Амбициите мора да се адаптираат на средината. Како тоа европскиот вицешампион нема сериозен клуб во ЛШ, а костурот го сочинуваат домашни играчи. Репрезентацијата го носи најголемиот маркетинг на ракометот, но најпрвин мора да се создаваат квалитетни клупски играчи“, порачува Лино Червар.

 

 

Се вчитува...