ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Лино Червар мина добро во дисциплинската постапка против него откако ЕХФ вечерва објави дека хрватскиот селектор ќе плати 2.000 евра за инцидентот во самиот финиш од дуелот со Белорусија. Вкупната казна изнесува 3.000 евра, од кои Червар е должен веднаш да плати две третини, а третата е „условна“ и Хрватот нема да треба да ја плати доколку не го повтори престапот до крајот на овој шампионат.
Во ситуација кога како максимална казна се споменуваше дури и исклучување од шампионатот, „дисциплинците“ сепак решија дека инцидентот не е премногу сериозен за таква драстична санкција.
„При 59.29 минути игра од натпреварот, тренерот Лино Червар имаше контакт со ракометарот на Белорусија. По прегледувањето на снимката увидовме дека тренерот, стоејќи крај аут-линијата, иницираше мал контакт со противничкиот играч. Дисциплинската комисија посочува дека тренер од негов калибар и искуство треба да знае дека не смее да дојде до никаков контакт со противниците, поради што го оценува неговото однесување како недолично и неспортско“ – се вели во соопштението на „дисциплинците“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА