Лино Червар на 8 март треба да ја соопшти конечната одлука дали ќе се врати во Хрватска и повторно ќе седне на клупата на хрватската репрезентација или ќе остане селектор на Македонија. Потпретседателот на Хрватскиот ракометен сојуз, Зоран Гобац, за „Јутарњи“ денеска соопшти дека ќе причекаат уште малку и дека е пролонгиран рокот за конечната одлука кој првично беше поставен до крајот на февруари.
„Договоривме состанок на 8 март во Загреб. Тогаш ќе седнеме и дефинитивно ќе разговараме, па ќе видиме што и како понатаму. Тоа е се засега. Точно, ја пролонгиравме одлуката, ќе причекаме, а што ќе биде ќе видиме“ – изјави Зоран Гобац.
Лино Червар според хрватските медиуми и понатаму е главен кандидат за селектор на Хрватска. Хрватскиот стратег се уште е актуелен тренер на Металург и селектор на македонската репрезентација. Селекторската функција на клупата на Македонија, Червар ја презеде во мај минатата година откако претходниот селектор, Ивица Обрван, поднесе оставка по неуспехот на македонската репрезентација во квалификациите а ОИ во Рио. Со Ракометната федерација на Македонија, Лино Червар има четиригодишен договор, но тој за хрватските медиуми, откри дека член 2 од договорот му остава простор за предвремено раскинување на соработката.
Доколку ХРС сепак, не се договори со Лино Червар, како алтернатива за селекторското место во резерва се Шпанецот Карлос Пастор и Французинот Патрис Канаје.
Што поскоро расчистување на ситуацијата се чека и во Македонија бидејќи македонската репрезентација во мај и во јуни ја очекуваат завршните четири натпревари од квалификациите за ЕП 2018 во Хрватска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА