Лино Червар ќе остане на клупата на Металург до крајот на оваа натпреварувачка сезона, а потоа целосно ќе се посвети на работата со хрватската ракометна репрезентација. Ова е е епилогот од средбата што хрватскиот стручњак ја имал со првиот човек на Металург, Минчо Јорданов, на која било договорено соработката да продолжи според планираното, до крајот на сезонава.
Тоа беше планот во сиот изминат период, но Червар самиот најави поинаков расплет откако на својата промоција во Загреб најави дека „викендов ќе разговара со Јорданов, а можно е и веднаш да си замине од Металург“. Сепак, разговорот минал во позитивна атмосфера, при што било решено токму трофејниот стратег да ги предводи „металурзите“ во плејоф разигрувањето. Јасно е дека Вардар и сезонава ќе ја има улогата на апсолутен фаворит, но Червар не крие дека потајно се надева да им ги замрси сметките на „црвено-црните“.
Tоа воедно би бил и „хепиенд“ на авантурата на Лино во мак-ракометот, со оглед на цврстиот став на Хрватите дека нивниот нов селектор по јуни ќе мора максимално да се посвети на репрезентацијата и подготовките за атакот на злато на ЕП 2018 што ќе се одржи токму во оваа земја.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА