Селекторот на македонската репрезентација, Лино Червар, е убеден дека „црвено-жолтите“ ќе извлеат поука од разочарувачкиот настап и убедливиот пораз од Словенија.
„Благодарност и до вас новинарите, кои сте со нас и кога победуваме и кога губиме, исто како и целокупната ракометна јавност во државата. Денеска е нов ден, утрово имавме долга анализа увидовме што сме направиле погрешно против Словенија, ќе настојуваме тие грешки да не ги повториме. Нема потреба од предолги коментари и анализи, ова е Светско Првенство, победите не треба да се слават еуфорично, а и по поразите нема време за тагување. Го оставаме дуелот со Словенија зад над и се вртиме кон следните предизвици, Шпанија и Исланд“ – изјави Червар.
Во ситуација кога против „црвената фурија“ сме тотални аутсајдери, логично се поставува прашањето колку ќе се чуваат силите за Исланд, меч кој ќе се игра дваесетина часа по пресметката со Шпанија.
„Шпанија е одлична репрезентација што со години наназад е дел од самиот врв. Сепак, би рекол дека тие повеќе ни одговараат отколку Словенија. И двете репрезентации се моќни, но бековите на Шпанците се нешто побавни, што ни овозможува да поставиме одбрана, нешто што не ни успеваше со Словенците. Ќе се обидеме да сториме нешто повеќе и на утрешниот дуел, но ако работите не се одвиваат како што посакуваме тогаш сигурно ќе почнеме да размислуваме на пресметката со Исланд, која реално е клучна за нас во битката за третото место“ – истакна македонскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА