Екипата на Металург ќе биде во Групата “Д“ од групната фаза во Лигата на шампионите, заедно со Монпелје, Мотор Запорожје, Бешикташ, Чеховски Медведи и со победникот од квалификацискиот турнир на кој за последното слободно место ќе се борат екипите на Спортинг Лисабон, Татран Прешов, Кокс и Алпла Хард, одлучи вчерашната ждрепка во Љубљана.
Шефот на стручниот штаб на „металурзите“, Лино Червар смета дека без разлика во каква група се најмногу се зависи од играта на тимот.
„Задоволен сум од вчерашната ждрепка, иако можеше да биде и подобра. Во суштина, се зависи од нас, од нашата подготвеност и од нашата сериозност. Ако сме ние добри, ако сме подготвени и играме добро, тогаш и најтешката група е лесна. И обратно, ако ние не чинеме тогаш и најлесната група е тешка. Во групата има неколку многу квалитетни противници и тука првенствено би ги навел екипите на Монпелје и на Мотор Запорожје, но секако не се за потценување и останатите. На почетокот на август ќе ги почнеме подготовките во Скопје и во Маврово, а потоа ќе учествуваме на турнирот во Струга. Потоа стартува СЕХА-лигата и тогаш ќе биде многу појасно во каква кондиција ќе бидеме и како ќе го дочекаме почетокот на групната фаза во Лигата на шампионите“ – вели Лино Червар во изјава за официјалната интернет страница на клубот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

