Досегашниот селектор на Македонија, Лино Червар денеска на прес-конференција во Загреб и официјално претставен како нов селектор на ракометната репрезентација на Хрватска.
Како што информираа од Хрватскиот ракометен сојуз со Червар е потпишан едногодишен договор до 1. април 2018 година, со можност потоа соработката да биде продолжена.
Червар на промоцијата пред хрватските медиуми, истакна благодарност за Македонија и за неговиот одличен седумгодишен прием во земјава, потенцирајќи дека сепак „повикот од дома“ не можел да го одбие.
„Животот на тренерот со куфер во рака е долго патување. За некои тренери тоа е долго патување, а за некои кратко. За мене тоа беше долго патување, од 40 години кариера речиси 20 години ми беа надвор од дома. И доаѓа време кога сакаш да се вратиш во својот дом, кај своето семејство, кај своите деца, своите внуци… Јас и од ова место морам јавно да и се заблагодарам и на Македонија и на Ракометната федерација на Македонија. Бев таму седум години, ме примија со широко отворени раце и навистина имам само убави спомени“ – рече Червар и дополни:
„Но, за мене беше чест што Ракометната федерација на Хрватска посака јас да се вратам на кормилото на мојата репрезентација. Драго ми е што сакаат да бидам дел од една приказна со репрезентацијата која има бројни светски успеси. Кога те сака назад селекцијата со толку многу успеси во светот, секако дека не може да се одбие, посебно кога е тоа репрезентацијата на твојата земја“.
Червар информираше и дека вечерва веднаш се враќа во Скопје, каде утре го очекува официјален состанок со првиот човек на Металург, Минчо Јорданов на кој треба да го реши и статусот во РК Металург, откако веќе се знае дека ја напушти селекцијата на Македонија.
„Вечерва веднаш се враќам во Скопје. Утре наутро имам договорен состанок со господинот Минчо Јорданов. Во заеднички договор со Јорданов и со РФМ треба да одлучиме како ќе ја решиме ситуацијата со Металург. Но, мислам дека нема да имаме никаков проблем, во смисла на хрватската селекција… Ќе видиме дали ќе донесеме решение веднаш да го напуштам Металург, или да останам овие два месеци до крај на сезоната. Но, лесно ќе се договориме. Со репрезентацијата на Хрватска ќе имам прв собир во мај месец“ – информираше Червар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА