Червар: Пристапот беше погрешен, играчите мислеа на Словенија

mec baner

Селекторот Лино Червар изрази незадоволство од пристапот на ракометарите на самиот почеток од дуелот со Ангола. Иако задоволен од конечниот резултат, Хрватот посочи дека очекува таа лекција да биде научена, па Македонија во иднина ваквите натпревари да ги добива уште порутински.

Можам да бидам задоволен што успеавме да ја забележиме и втората победа во низа, но не и од играта. Не бевме доволно сконцентрирани, пред се во нападот, со што им овозможивме на гостите многу лесни голови на спротивната страна. Пристапот беше погрешен, играчите како прерано да почнаа да размислуваат на Словенија и тоа придонесе да направиме неколку почетнички технички грешки. Првиот гол го примивме во осмата минута, а во тој период имавме најмалку пет зицери или технички грешки. Се разбудивме и победивме, така што не можам да ги критикувам ракометарите за оваа средба, сепак и тие се луѓе и можат некогаш да згрешат, најважно е да се извлечат поуки. Ме радува и целокупната позитивна атмосфера што се создава, навивачите од цела Европа кои се овде, сето тоа ни дава дополнителна сила“ – изјави Червар.

Пред Македонија допрва се најтешките предизвици, европските пресметки со Словенија, Шпанија и со Исланд.

Тоа се селекции кои ќе влезат со фаворитска улога на дуелот против нас. Тоа е реалноста, но едно е сигурно, ние нема да се предадеме. Словенија е репрезентација што игра одличен ракомет, денеска имаше тежок дуел со Исланд од кој излезе како победник, тие сигурно ќе сакаат да ја продолжат победничката серија, на нас е да бидеме мудри, да го наметнеме сопственото темпо и да се обидеме да стигнеме до победата. Дефинитивно ќе излеземе без бело знаме на следните три средба“ – порача македонскиот селектор.

Следниот дуел на Македонија е против селекцијата на Словенија, чиј селектор е добриот „познаник“ на Лино, екс-тренерот на Вардар, Веселин Вујовиќ.

„Ова го велам најискрено, јас би бил смешен тренер ако не го почитувам Веселин Вујовиќ, човекот кој го одбележал овој спорт и како играч и како тренер. Реалноста е таа – со неговото доаѓање Словенија игра многу подобро, Словенија имаше одличен настап на Олимписките Игри, Словенија е извонредно тактички подготвена. Мечот ќе биде навистина интересен, Словенците се фаворити, но јас велам нека победи подобриот – ако одиграме онака како што знаеме и умееме и ако ја заслужиме победата – тогаш ние да бидеме тие што ќе се радуваат на крајот“ – истакна за крај Лино Червар.

Се вчитува...