Лино Червар за десет дена треба и официјално да ја преземе репрезентацијата на Хрватска, објавија денеска хрватските медиуми. Се уште актуелниот селектор на Македонија денеска имаше состанок со потпретседателот на Хрватската ракометна федерација, Зоран Гобац, на кој начелно е потврдено дека Червар повторно ќе ја предводи репрезентацијата на Хрватска.
„Преговорите одат во добра насока и за десетина дена ќе имаме прес-конференција на која ќе го потврдиме новиот селектор“ – изјави Гобац по денешниот состанок.
Изјавата на Гобац ја потврди и Лино Червар:
„Се согласувам со се што кажа Гобац“.
Според хрватските медиуми, Червар во овие десетина дена треба да ја реши ситуацијата во Македонија каде се уште е тренер на Металург и селектор на репрезентацијата на Македонија и за неколку дена треба да се знаат сите детали од конечната разврска. Како единствен проблем какоо што велат Хрватите, останува Червар коректно да се раздели од македонската репрезентација на која во мај и претстојат завршните четири натпревари од квалификациите за ЕП 2018.
Една од опциите е Червар да одработи до јуни и да ја предводи македонската репрезентација на овие четири натпревари со Исланд, Чешка и со Украина. А, втората опција е соработката да заврши до крајот на месецов, а Македонија за мајските квалификации да ја води нов селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА