Дека Лино Червар си заминува од Металург стана јасно со самиот ултиматум од страна на Хрватите, дека тој може да има клупски ангажман до средината на јуни, но потоа ќе треба да се посвети целосно на новиот репрезентативен ангажман. Сепак, искусниот стратег денеска за весникот „Спортске новости“ за првпат јавно потврди дека и Металург за него наскоро ќе стане завршена приказна, како што тоа од пред неколку дена е случај и со македонската репрезентација.
„Приказната е слична како и со репрезентаацијата, но разделбата од Металург ќе оди многу полесно. Тука нема да има големи проблеми“ – истакна Червар за „Спортске новости“
Хрватскиот стратег долго време промовираше „долгорочен македонски проект“ за на крајот да се спакува и да се врати назад во татковината, оставајќи ја зад себе како нашата репрезентација, така и клубот со кој освои се што можеше на македонската ракометна сцена, воедно стигнувајќи до неколку четвртфиналиња во Лигата на шампионите.
„Мислам дека коректно ја завршивме целата работа. Одлуката не беше лесна, но Хрватска е мојата татковина, им го објаснив тоа и на Македонците, кои ме задолжија со односот кон мене во изминатиот период. Верувам дека ќе останам во добри односи со Македонците“ – изјави доскорешниот селектор на нашиот национален тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА