Хрватска ја забележа и втората победа во рамките од групата А во Сплит, откако домаќинот на овој европски шампионат славеше убедливо против Исланд со резултат 29-22. По повредата на Дувњак, Хрватите се мачеа да го скршат отпорот на противникот во првото полувреме (14-13), за во вториот дел да тргнат „седум на шест“. Исланѓаните немаа одговор за ваквиот напад на противникот, разликата експресно скокна над пет гола, по што домаќините рутински го приведоа мечот до крај.
Лука Циндриќ одигра уште еден извонреден меч постигнувајќи седум погодоци, а по четири пати меѓу стрелците се запишаа Мамиќ, Карачиќ и Степанчиќ.
Норвешка рутински ја одработе задачата против Белорусија, славејќи со 33-28 во натпреварот што го судеше нашата двојка Начевски – Николов. Бергеруд имаше 14 интервенции на голот на Норвешка, додека во нападот најефикасни беа Сагосен, Бјорнсен и Гулеруд со по шест погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА