Ланското ЕП во Полска го подредивме на олимписките квалификации за Рио, а во пресрет на претстојното СП во Франција, веќе се кројат планови за ОИ во Токио! Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Лино Червар, во изјавата за босанскиот весник „Ослобоѓење“, вели дека создава репрезентација за ОИ во Токио и дека на претстојното СП во Франција очекува, но не може да гарантира некој добар резултат.
„Имаме изменета репрезентација и неколку дебитанти, така што нема да ни биде лесно. Почна еден нов олимписки циклус и Македонците сакаат да одат на ОИ во Токио 2020. Треба да се создава репрезентација и сега можеме да постигнеме некој добар резултат, но не може ништо да се гарантира. Мислам дека е важно да дадеме се од себе, а резултатот ќе дојде“ – вели Лино Червар.
Червар ги сумира впечатоците по трите контролни натпревари со селекцијата на БиХ што ќе бидат и единствена проверка за македонската селекција пред настапот на СП во Франција што стартува на 11 јануари.
„Ова беа добри натпревари со силен и мотивиран противник. Можевме да пробаме се што ќе играме на Светското првенство. На сите три натпревари Босанците беа силно мотивирани, нам ни требаше таков протуивник и можам само да им се заблагодарам што ни дојдоа на гости бидејќи се покажаа како одличен спаринг партнер“ – истакнува Червар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА