Чешка тениска двојка раскина пред доаѓањето во Париз, само за да може да се сконцентрираат на златото

Чешката тениска двојка Томаш Махач и Катерина Синиакова ја има една од најинтересните романтични приказни на Летните олимписки игри во Париз.

Махач и Синиакова непосредно пред доаѓањето во Париз прекинаа тригодишна љубовна врска. Двајцата го објавија тоа пред почетокот на ЛОИ 2024, информирајќи дека, сепак, ќе настапат заедно во мешани двојки во тенис на Олимписките игри во Париз.

На крајот, во конкуренција на 16 двојки од целиот свет, Махач и Синиакова дојдоа до златниот медал, победувајќи во финалето со 2-1 (6-2, 5-7, 10-8) против Ксин Ванг и Жижен Жанг од Кина.

По финалето, секако најинтересна тема беше дали сега повторно се во љубовна врска.

„Тоа е лична работа, не морате тоа да го знаете“, рече Махач, на што Синиакова низ смеа дополни: „Сакаме кога сте збунети…“.

„Такви сме ние професионалците, раскинавме само за да бидеме максимално концентрирани на тенис и медалите. Затоа и успеавме“ – истакна Махач.

Се вчитува...