Алармантна е ситуацијата во чешката ракометна репрезентација, каде вкупно 16 членови на националниот тим се позитивни на коронавирус, а бројот на заразени од ден на ден се повеќе се зголемува. Ракометарите се во свои соби во хотелот во Плзењ, но се поголем е бројот на оние кои подоцна покажуваат симптоми, а тестирањата само потврдуваат дека се позитивни на коронавирус.
На само пет дена пред планираното патување за Египет, се поголем е ризикот Чешка да не биде во можност да отпатува за мундијалот во „земјата на фараоните“, што би значело препуштање на местото на првата резерва – селекцијата на Македонија. Сепак, Чесите засега воопшто не размислуваат за таа опција, убедени дека ќе успеат да состават конкурентен тим. Сите селекции испратија пошироки списоци од по 35 ракометари за овој мундијал, но Чешка ќе побара дополнително проширување на списокот доколку не успее да собере 18 играчи за пат кон Каиро.
„Имаме информации дека веќе две репрезентации побарале проширување на списокот од по 35 играчи, при што ИХФ дало зелено светло и во двата случаи. Ситуацијата е далеку од добра за нас, но очекуваме од ден на ден да се нормализира. Ако нема доволно здрави играчи, ќе побараме и ние да го прошириме списокот, цлта е јасна – по секоја цена да играме на СП во Египет. Го поместивме и летот за Каиро од вторник за среда, бидејќи секој ден е драгоцен“, изјави претседателот на Чешката ракометна федерација, Јарослав Швални.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

