Шкендија ги заврши настапите на европската сцена оваа сезона откако во 3. коло од квалификациите за Лигата на Европа загуби на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје од лондонски Тотенхем со 1-3 (0-1).
Натпреварот почна непосакувано за македонскиот тим, со брзо водство на англискиот гигант. Сон поведе акција на работ на шеснаесетникот, го проигра Ламела кој од 15 метри откосо прецисно шутира за 0-1.
И во продолжението Тотенхем го диктираша темпото, се редеа шанси пред голот на Шкендија, но Костадин Захов беше одличен на голот на тетовци, извонредно реагирајќи и во 24. минута кога спречи сигурен погодок по обидот на Деле Али.
Во второто полувреме сосема различна слика на теренот. Се загуби сигурноста и рутината на теренот на гостите, а Шкендија ја презеде контролата. Сето тоа вроди со плод во 55. минута кога по проигрувањето од одличниот Љупче Дориев, прекрасен погодок постигна Валмир Нуфиу кој испрати вистинска „бомба“ кон голот на Џо Харт за 1-1…
Во 62. минута нова убава акција на Шкендија. Павиќ проигран од Дориев, па од левата страна испрати убав центаршут но Ибраими со глава за малку непрецизен покрај голот на гостите.
Во 64. и во 66. минута, Тотенхем имаше две одлични можности, но Ламела и нововлезениот Хари Кејн со глава само покрај голот на Захов. Сепак, тоа што не успеаја да го реализираат Кејн и Ламела, не го пропушта Хјонг-Мин Сон во 70. минута прецизно стрелајќи за нова предност од 2-1.
Во 79. минута нова убава акција на гостите. Сон, овој пат, прецизно нафрли од левата страна а Хари Кејн со глава од десеттина метри погоди во мрежата на немоќниот Захов.
До крајот, Тотенхем само рутински ја одржуваше предноста за конечна победа и пласман во плеј-оф рундата од квалификациите за Лигата на Европа каде ќе се соочи со Макаби Хаифа која славеше против рускиот Ростов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА