Младата репрезентација за кошаркарки до 18 години го претрпе и третиот пораз во низа на Европското првенство – Б дивизија што се одржува во Литванија. По убедливите порази од Романија и од Германија во првите две рунди, нашите млади кошаркарки слично минаа и на денешниот дуел со Шведска, губејќи со резултат 41-81.
Швеѓанките имаа скор од 0-1 во пресрет на овој меч, но скандинавската селекција експресно покажа дека е далеку поквалитетна, не дозволувајќи „црвено-жолтите“ ниту за момент да се понадеваат на изненадување. Мечот беше егал само во првите шест минути во кои Шведска водеше со минимални 7-6, по што противникот се одлепи и ја доби стартната четвртина со 16-11. Тоа беше најава за шведската доминација во вториот период што оваа селекција го доби со 23-4, на одмор заминувајќи со убедливи 39-15.
Македонија ја консолидираше играта, но веќе беше предоцна, Швеѓанките знаеја како рутински да го приведат мечот до крај, во финишот и зголемувајќи ја позитивата до уште поубедливи „плус 40“.
До крајот на групната фаза нашите млади кошаркарки ќе се сретнат со Ирска, селекција што има скор 0-2 во своите први две одиграни средби.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

