Кикбоксерите на КБК Шампион од Скопје забележаа извонреден успех на Европскиот кик-бокс Куп за сениори, јуниори и кадети во дисциплините K1 и KL, кој се одржа во Белград, Србија.
Во конкиренција на 245 натпреварувачи од 69 клубови од 12 земји од Европа учествуваа и три кик-бокс клубови од нашата земја со вкупно пет натпреварувачи: КБК ШАМПИОН од Скопје со тројца натпреварувачи, КБК ГЛАДИЈАТОР од Скопје со еден натпреварувач и КБК ЕНЕРЏИ од Битола со еден натпреварувач.
Сите медали за Македонија ги освоија натпреварувачите на КБК Шампион, кои стигнаа до четири златни одликувања. Викторија Варадинова успеаја да ги освои златните медали и во К1-јуниор (до 60кг.) и во КЛ-јуниор (до 65 кг.), Марко Тодоров се закити со златото во К1 јуниори (до 54 кг.) додека Бобан Илиоски беше најдобар во К1 сениори (до 81 кг.).
„Како претседател на Кик-бокс федерацијата на Македонија секако сум задоволен од остварените резултати на овој Европски куп. Задоволство е што и мојот клуб, КБК Шампион, успева да постигне вакви резултати на европската сцена кои се плод на максималната работа во клубот, дисциплината и спортскиот режим на натпреварувачите низ тренажниот процес. Ова се репрезентативци на кои штотуку им почнува кариерата, па затоа европските купови се добро мерило до каде се натпреварувачки. Очекувам максимално темпирање на формата за втората половина од оваа година, кога се одржуваат европските и светските првенств, и на кои сигурно очекуваме врвни резултати“ – ни изјави по настапот на Европскиот куп, претседателот на Кик-бокс федерацијата на Македонија, Дејан Митровски – Урко.
Дарко Најдов од КБК Гладијатор го освои 5. место во К1-јуниори (до 67 кг.), додека Никола Бубески од КБК Енерџи од Битола исто така заврши на 5. место во К1-јуниор до 81 килограм.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА