ТФТ е првиот полуфиналист на завршниот турнир од Купот на Македонија откако со фуриозна игра во нападот го елиминираше „првиот носител“ Пелистер со резултат 93-105. За битолчани ова е втора година по ред како на завршниот куп-турнир пристигнуваат како лидери на прволигашката табела, но се „лизнуваат“ на првата пречка, лани од Академија ФМП, годинава од ТФТ. Тренерот Марјан Илиевски за денешниот меч повторно имаше ограничена ротација поради неиграњето на Младеновски и на Караџовски, па битолчани со лимитиран ростер не успеаја да го издржат силното темпо што го наметна противникот предводен од одличниот Александар Костоски.
Мечот беше израмнет само во првите пет минути, Пелистер последното водство во првата четвртина го имаше при 13-12, а последното израмнување при 15-15. Пресудни беа завршните минути од четвртината, што по минималните 21-23 тимот на ТФТ ги врза со серија од осум поени, па овој премиерен дел од мечот заврши со убедливи 21-32 за тимот од скопско Тафталиџе. Во овој дел одлично функционираше шутот од далечина на ТФТ, чии кошаркари погодија пет тројки од осум обиди. Скопскиот клуб имаше „плус 14“ во неколку ситации во втората четвртина, но Пелистер благодарение на погодените тројки на Пајиќ и на Кесар пред крајот на полувремето на одмор замина со едноцифрена негатива (47-56).
Почетокот на второто полувреме мина во знакот на битолчани, кои набрзина стигнаа до 57-59 и 60-62. Александар Костоски, кој маестрално го предводеше ТФТ на овој меч, го врати својот тим во ритам, па „црно-белите“ повторно стигнаа до двоцирена предност (71-59). Тренерот Смилковски се соочи со проблем откако на 14 минути до крајот четвртата лична грешка ја заработи главниот центар Амир Смит, но остатокот од тимот одлично го надополни неговото отсуство, па ТФТ набрзина стигна и до најубедливи „плус шеснаесет“ (61-77). Костоски продолжи со извонредната игра, па со новата тројка на екс-репрезентативецот скопјани поведоа и со 84-66, пред Ѓуроски да биде прецизно за 84-68, за крај на третата четвртина.
Последните десет минути не донесоа преголеми возбудувања, Пелистер не успеа посериозно да се приближи, а тимот на ТФТ рутински ја одржа двоцифрената предност се до последните четири минути, кога имаше водство од 80-97. Пелистер за две минути направи серија од 10-0, па Смилковски беше принуден да побара тајмаут при водство на својот тим од 90-97. Битолчани се обидоа уште повеќе да се приближат со агресивна одбрана, но судиите го санкционираа тоа, а Смит и Костоски со мирна рака од слободни фрлања го осигураа триумфот изразен со конечни 93-105.
Костоски беше главен играч на кумановци со 22 поени и 9 асистенции, Хостон постигна 19, а одличен беше и Андреј Маслинко, со 16 постигнати поени. Малешевиќ со 19 и Кесар со 23 поени беа најефикасни во таборот на Пелистер.
Ривал на ТФТ во полуфиналето ќе биде победникот од последната четвртфинална пресметка на денешната програма, меѓу Академија ФМП и Еуро Никел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА