Македонската ракометна репрезентација забележа победа и на вториот пријателски натпревар против селекцијата на Чиле (28-24), со што нашиот национален состав ги заокружи овие јануарски подготовки. Иако настапивме значително подмладени, без голем дел од ракометарите кои го носат товарот во националниот тим со години наназад, сепак избраниците на Брестовац одиграа квалитетен дуел во кој 60 минути го контролира резултатот и заслужено стигнаа до победата. Чилеанците уште еднаш потврдија дека се далеку и од просечен ракометен квалитет, па јасно е дека на оваа селекција не и се пишува ништо добро на претстојното СП, каде се наоѓа во група Египет, Шведска и Чешка.
Дуелот го почнавме нервозно, со многу грешки во нападот, но за среќа на голот го имавме расположениот Митревски (три одбрани во првите пет минути), кој не дозволи Чиле да поведе од самиот почеток. Кузмановски и Талески беа стрелци на првите погодоци за Македонија, а по головите на крилата Маџовски и Костески нашиот национален тим стигна и до првата предност од два гола (4-2). Гостите се консолидираа, почнаа многу полесно да ги реализираат своите напади, па на половина од полувремето резултатот гласеше израмнети 7-7.

Македонија повторно додаде гас и набрзина поведе со 11-8, за по погодокот од контранапад на Никола Маркоски чилеанскиот селектор да побара минута одмор. Сепак, македонската доминација продолжи, па по новите погодоци на Кузмановски и Крстевски нашата репрезентација во 25. минута поведе со 15-9. На голот на Македонија застана Даниловски, кој веднаш имаше една успешна интервенција при зицер на чилеанските ракометари. Финишот од полувремето донесе пад во концентрацијата на македонските репрезентативци, па Чилеанците направија серија од 0-3, па по голот од пенал на Поповски на одмор се замина со 16-12 за нашиот национален тим.

Чиле го стартуваше второто полувреме со „седум на шест“, лесно наоѓајќи го патот до мрежата на Даниловски, но и нашиот напад функционираше добро, не дозволувајќи разликата да се спушти под три гола (19-15 во 35. минута). Сепак, Македонија во наредните три минути не постигна ниту еден гол, а гостите го искористија тоа и намалија на 19-18, пред нивната нова мини-серија од три гола со гол од седум метри да ја прекине Мартин Поповски. Поголема одговорност во нападот презеде и Марко Мишевски, па по двата погодоци во серија на бекот на Вардар нашиот национален тим поведе со 26-21, по што гостинскиот селектор побара тајмаут.
Финишот мина во израмнета битка, во која Македонија рутински ја одржа солидната предност, добивајќи го овој натпревар со конечни 28-24.
Филип Кузмановски беше најефикасен во македонската репрезентација со четири гола, по три постигнаа Талески, Пешевски и Поповски, а по двапати прецизни беа Велковски, Крстевски, Костески, Серафимов и Никола Маркоски.
Македонија го има статусот на прва резерва за СП во Египет што стартува в среда, а шансите нашиот национален тим да биде повикан „во пет до дванаесет“ се сведени на минимум.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

