Во очекување на најголемиот настан за македонскиот фудбал во историјата, првото учество на најдобрата национална репрезентација на Европско првенство, ЕКИПА издвојувајќи ги најзначајните фудбалери, личности и настани од нашата фудбалска историја, се до 11. јуни преку серијал-текстови како најава за тоа што ги очекува Горан Пандев и соиграчите на УЕФА Евро 2020!
===============================================================================================
Еден од најтрофејните балкански тренери, Хрватот Мирослав Чиро Блажевиќ никогаш не ги криел симпатиите кои ги негува за Македонија. Сега повлечениот фудбалски пензионер, сепак, и тоа како сака да поразговара за фудбалски теми и покрај тоа што, како што самиот ни вели, не ја следи интензивно најважната споредна работа во светот онака како пред неколку години.
Но, легендарниот Чиро и тоа како беше возбуден на нашиот повик и воведните зборови: „Би сакале да поразговараме за првото историско учество на Македонија на ЕП“, не можејќи да ја сокрие емотивната реакција…
„Сине, па толку ме израдувавте. Чуј, јас сум сентиментално врзан за Македонија и еве со ова јавување веднаш побудивте емоции кај мене. Мора да бидам искрен дека сега јас сум пензионер и се послабо следам што се случува на модерните фудбалски полиња, но и тоа како се израдував на пласманот на Македонија на Европското првенство, а да ви кажам и на онаа победа против Германија. Па јас имам толку многу пријатели во Македонија и мои фудбалски деца таму, што ја чувствувам како своја. И никогаш не можам да бидам рамнодушен на сите ваши успеси“ – го почна нашиот телефонски разговор Блажевиќ.
Сега 86-годишниот Чиро во минатото го прослави Динамо Загреб со бројните титули во поранешна Југославија, иако никој никогаш, пред се, не може да ја заборави неговата бронза од Светското првенство 1998 како селектор на Хрватска.
„Тоа во 1998 година беа славни наши репрезентативни денови кои ја прославија Хрватска. Тоа што и сега го знам е дека ова учество на Европско првенство ќе биде силна промоција за Македонија и нејзиниот фудбал, и посакувам тоа да умеете да го искористите на најдобар можен начин. А моите желби се и со игрите на првенството да ја изненадите Европа“ – дополни поранешниот хрватски селектор, кој за македонските репрезентативци има само една порака.
„Не сакам јас сега да ве учам било што за фудбал. Штом тие момци се избориле за Европско првенство веќе и сами знаат колку вредат. Најважно е кога ќе излезат на терен да знаат дека вредат повеќе и од секој противник наспроти себе. Јас само може да порачам: Македонци мои, ова е момент во кој треба да уживате. Јас со сето срце сум со вас. Покажете и на Европа какво е фудбалското срце на југот!“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА