„Чистка“ во Манчестер Јунајтед: Дојдоа како големи засилувања од Реал, сега меѓу првите ќе си заминат

Манчестер Јунајтед се подготвува да сврти нов лист по доаѓањето на Сер Џим Ретклиф како еден од водечките луѓе во клубот, „црвените ѓаволи“ се во потрага по нов тренер, но исто така планираат и да направат сериозен ремонт кога станува збор за играчкиот кадар во тимот. Самиот Ретклиф не криеше дека е шокиран од огромните плати кои ги земаат дел од фудбалерите кои воопшто не се првотимци во Јунајтед, по што најави дека голем дел од нив ќе можат да си заминат на крајот од сезонава.

На врвот на листата фудбалери кои се на излезна врата од „Олд Трафорд“ се наоѓаат Кашемиро и Рафаел Варан. Овој тандем пред неколку години пристигна од редовите на Реал Мадрид, Бразилецот и Французинот требаше да станат лидери на „црвените ѓаволи“, но наместо тоа само се вклопија во сивилото на најтрофејниот англиски клуб. Двајцата минатото лето одбија богати понуди од Саудиска Арабија, но овојпат се очекува ситуацијата да биде поинаква бидејќи и КАшемиро и Варан во последните месеци најавија дека се подготвени за нов предизвик доколку добијат интересна понуда.

БРазилецот Ентони е најголемо трансфер-промашување на Јунајтед и ако се реализираат најавите за смена на Тен Хаг јасно е дека тој ќе биде меѓу првите кои ќе бидат продадени, без оглед што нема да може да се врати инвестицијата од над 70 милиони евра за овој фудбалер.

Џејдон Санчо и Мејсон Гринвуд требаше да биде лидери на новата генерација фудбалери на „црвените ѓаволи“, но проблематичните карактери на двата млади бисери се причина тие моментно да се позајмица, а летово ќе се бараат клубови што целосно ќе ги откупат нивните договори со Јунајтед.

На листата фудбалери кои ќе си заминат е и Антони Марсијал, кој како слободен играч ќе го напушти „Олд Трафорд“, Амрабат по истекот на позајмицата ќе се врати во Фиорентина, а на излезна врата се наоѓаат и Дони ван де Бек и Кристијан Ериксен.

Се вчитува...