Луис Енрике и челниците на ПСЖ наводно донеле одлука 11 играчи да го напуштат клубот по нивниот срамен пораз од 3-0 во финалето на Светското клупско првенство од Челси. За ПСЖ, тоа беше разочарувачки крај на магичната сезона во која успеаја да ја освојат Лигата на шампионите.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, Луис Енрике се откажал од услугите на Милан Шкрињар, Норди Мукиеле, Карлос Солер, Марко Асенсио и Рандал Коло Муани. Сите тие беа на позајмица минатата сезона, а ниту еден од нив не се докажа доволно за да биде дел од тимот на Пари Сен Жермен оваа сезона.
Покрај тоа, Габриел Москардо, Лукас Ернандез, Лукас Бералдо, Канг-ин Ли и Гонсало Рамос се играчи на кои им е кажано да бараат нови клубови ако имаат намера да играат следната сезона.
Конечно, тука е и голманот Џанлуиџи Донарума, кој исто така би можел да го напушти Пари Сен Жермен ова лето. Причината е што неговиот договор истекува на крајот од следната сезона, а како што стојат работите, тој нема да биде продолжен.
Во тој случај, челниците на ПСЖ имаат две опции. Едната е да го пуштат како слободен агент на крајот од следната сезона, а другата е да го продадат ова лето. Изминатите недели имаше за него силен интерес од Челси, Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити.
Кога станува збор за можни пристигнувања во ПСЖ, во моментов се споменува само доаѓањето на стоперот Или Забарни од Борнмут.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

