Големото ракометно дерби што на програмата е в сабота ќе биде збогатено и со присуство на гостински навивачи, како што беше обелоденето на денешната прес-конференција на РК Вардар.
„Црвено-црните“информираа дека е постигнат договор за доаѓање на 200 навивачи од Битола кои ќе го бодрат Е. Пелистер во Скопје, со желба дербито на големите ривали сепак да мине во спортска атмосфера.
„Знаете дека ланската сезона немаше гостински навивачи на овие дуели бидејќи сакавме да ги смириме страстите по оние немили сцени од пред две години. Сепак, наша цел како клуб и како спортски колектив е да се игра во максимална спортска атмосфера, па затоа за годинава решивме да дадеме зелено светло за присуство на гостинските навивачи почнувајќи од ова дерби со Пелистер. За нас е важно ова ракометно дерби да мине во најдобар ред и да испратиме една позитивна слика во ракометна Европа. Ривалството е нешто потребно, на терен и на трибини, но верувам дека се ќе мине во најдобар ред. Од она што го договоривме, четири автобуси со вкупно 200 навивачи ќе дојдат од Битола, а потоа и од МВР ни беше соопштено дека ова е максималната бројка што може да биде примена на делот од трибината за гостите“, изјави оперативниот директор на РК Вардар, Андрија Нунев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА