Човекот кого го проколнува целата земја, дефанзивецот на Интер, Алесандро Бастони, речиси сигурно ќе стане новиот играч на Барселона.
Алесандро Бастони се смета за еден од најдобрите дефанзивци во Европа во моментов. 26-годишниот стопер на Интер има неколку врвни сезони зад себе и се чини дека дојде време за голем трансфер. Тој треба да ја продолжи кариерата во Барселона, откако се договори речиси сè со каталонскиот гигант и само е прашање на време кога договорот ќе биде официјализиран.
„Бастони сака што поскоро да замине во Барселона. Тој е „луд“ поради фактот што станува играч на Барселона. Се договорил за речиси сè со клубот“, пренесуваат италијанските медиуми.
Трансферот на овој стопер би можел да ја чини Барса меѓу 50 и 60 милиони евра. Договорот е блиску до завршување и Каталонците ќе го добијат играчот што толку многу го посакуваа.
Тренерот на „нераѕурите“, Кристијан Киву, исто така, зборуваше за неговото заминување.
„Не можам да ја контролирам неговата иднина или што сака да прави. Секој човек е одговорен за своите одлуки“, рече Киву.
Одлуката да ја напушти Италија беше забрзана по неодамнешните сцени во Зеница. Бастони доби црвен картон во плејофот за Светското првенство и според мислењето на многумина на Апенините, тој ги чинеше „Аѕурите“ место на Светското првенство.
Затоа 26-годишникот е под огромен удар. Го навредуваат, го нарекуваат со погрдни имиња, државата го проколнува, а тој сака што поскоро да избега од сето ова. Неговата желба ќе се оствари и тој ќе оди во Барселона.
Интер ќе изгуби одличен играч. Иако се двоумеше дали да замине, по жестоките напади на Апенините последниве денови поради елиминацијата на Италија од БиХ, сега одлуката е јасна, иако Марота го брани.
„Срамно е што Бастони беше изложен на линч како да не знаел што направил. Причините за тоа што не одиме на Светското првенство се многу подлабоки. Момче на негови години не заслужува нешто вакво. Луѓето прават грешки, тој направи грешка и тоа им се случува на сите. Прочитав што се пишува. Речиси го принудуваат да ја напушти државата. Ќе разговараме со него за иднината“, рече Марота.
Но, Бастони очигледно веќе се одлучил. Тој сака да оди во Барселона и само е прашање на време кога сè ќе биде официјализирано.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

