Првиот човек на КК Црвена Звезда, Небојша Човиќ отворено, без влакна на јазикот, зборува за последните случувања во АБА-лигата со блокадата па деблокадата на сметката на регионалното натпреварување.
Откако сметката беше одблокирана, со парите на АБА може да управуваат Младен Вебер, човекот кој пред две години ја напушти Цедевита и нема функција во клубот, поранешниот директор на АБА-лигата, Крешимир Новосел кој од минатиот септември е директор на Цедевита, како и извесна Долорес Каниќ која, исто така, како и претходните двајца нема никаква функција во регионалното натпреварување.
„Сметката на АБА лигата која ја полни Србија со ситни пари, два милиони евра годишно или по сезона, ја контролираат некоја госпоѓа Долорес и лица кои не се овластени за никакво управување. Околу тоа како се трошени пари дури сега ќе разговараме. А, што се однесува за продолжување на АБА, сите сме за, но мора да се види со коронавирусот…“ – вели Човиќ, кој смета дека е нереално да се организира „балон“ по примерот на НБА лигата.
„НБА има толку пари што може да направи таков пристап. Евролигата нема толку пари. Евролигата мислам дека ќе го продолжи натпреварувањето, ќе биде и тргната мерката клубовите да губат со 20-0 па ќе видиме до каде ќе стигнеме. Кога АБА лигата беше запрена во март јас реков дека ние немаме проблем да ја продолжиме сезоната 2019/20, но ќе имаме сериозен проблем да ја почнеме 2020/21. Тогаш одделни ‘стручњаци’ кои седат во АБА лигата се смееја со тие нешта, а сега ги нема никаде. Не знаат ни што со себе, ни што со лигата“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА