ЧСМ „лапна“ три вардарки: Цвијиќ, Радичевиќ и Лекиќ одеднаш ја „засакаа“ Романија најмногу на светот

Романскиот клуб ЧСМ Букурешт ќе биде следната дестинација на три вардарки, Драгана Цвијиќ, Јованка Радиќевиќ и Андреа Лекиќ. Тие веќе потпишаа договори со идниот клуб и се претставени како нови засилувања за сезоната 2018/19. Лекиќ и Радичевиќ потпишаа договори на две сезони, додека Драгана Цвијиќ се согласи на едногодишна верност. Со оглед дека дел од вардарки и претходно си најдоа нови клубови, ова го комплетира „распадот“ на ЖРК Вардар, кој од следната сезона ќе игра со млади македонски ракометарки. Причината е очигледна, на големиот ракометен газда Сергеј Самсоненко, одненадеж му снемаа доволно финансии?!

„Го одбравме ЧСМ затоа што е еден од најголемите клубови во Европа и сака да ја освои Лигата на шампионите. Тоа е мојата главна амбиција и возбудена сум што ќе играм со одлични ракометарки во овој тим. Сигурна сум дека добро ќе се адаптираме, а сум слушнала убави зборови за Букурешт и едвај чекам да го запознам градот“, изјави Андреа Лекиќ на претставувањето.

Јованка Радичевиќ, исто така, му удри ’четки’ на новиот клуб, исто како што тоа во изминатиот период сите овие ракометарки кажуваа пофалби и за Вардар. Но, кога снема пари, веќе си размислуваат за новите дострели во кариерата.

„Многу сум среќна што ќе бидам дел од најдобриот тим и ќе играм со најдобрите ракометарки во светот. Ова е нов клуб за мене, со големи амбиции. Можам да ветам дека ќе дадам се од себе за ЧСМ Букурешт и верувам дека заедно со фановите ќе создадеме неверојатна атмосфера. Тие се „луди“ по ракометот и едвај чекам да заиграм пред оваа публика“, изјави Радичевиќ.

Драгана Цвијиќ потпиша договор на една сезона.

„Бев многу блиску до трансфер во ЧСМ Букурешт и минатата сезона, но се одлучив за Вардар. Но, сега сум многу среќна што сепак ќе дојдам во Букурешт и следната сезона обде ќе се формира силен тим. Дојдов затоа што сакам со ЧСМ Букурешт да го освоиме трофејот во Лигата на шампионите“, истакна Цвијиќ.

 

Се вчитува...