ЕКИПА во Будимпешта,
Билјана Б.Петрушева, Кристијан Димевски
ЧСМ Букурешт заврши на третото место на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во Будимпешта, исто како и лани. Во малото финале, романскиот шампион беше подобар од дебитантот на завршниот турнир, Ростов Дон со 31-30. За ЧСМ Букурешт ова е трет настап по ред на Ф4 турнирот во ЛШ и втора „бронза“ покрај дебитантсткото „злато“ од 2006 година.
Поголемото искуство, но и подобрата подготвеност на ЧСМ Букурешт му донесоа доминација на теренот , во поголемиот дел од натпреварот. Романскиот тим не му остави премногу простор на Ростов Дон да се избори за позитивен резултат на својот прв настап во Будимпешта, преземајќи ја контролата на играта и на резултатот уште од првите минути. Рускиот тим „се разбуди“ дури во последната четвртина, но, предоцна за да направи голем пресврт.
Рускиот првак по вчерашниот пораз во полуфиналето од Вардар, ни денеска не се снајде најдобро на теренот во „Ласло Пап Арена“. Избраничките на тренерот Патрис Бужан, не успеваа да се справат со одбраната на ЧСМ Букурешт и одново тешко доаѓаа до реализација. На другата страна, ЧСМ Букурешт, во овој дел од мечот предводен од расположената Изабела Гулден, одигра многу посигурно и во нападот и во одбраната и ефектно ја користеше секоја шанса.
Уште на стартот романскиот тим најави дека во овој меч нема намера ништо да препушти на случајност. Со серија од 6-1, уште по првите десет минути ЧСМ Букурешт се одлепи на 7-2. Уште една ефикасна серија од 5-0 им донесе највисоки +8, десет минути подоцна кога веќе имаа водство од 13-5.
Во последните дест минути од првото полувреме, Ростов Дон успеа малку да ги консолидира своите редови и да ја намали разликата на 18-14, но Романките поентираа во последниот напад и на одмор заминаа со предност од 19-14.
Во второто полувреме, ЧСМ Букурешт ја одржуваше предноста, а Ростов Дон бркаше резултат и настојуваше да ги поправи грешките и впечатокот од овој настап во Будимпешта. Промената на голот на Ростов Дон на кој Галина Макдиева ја замени индиспонираната Мајса Песоа, донесе свежина и поголема сигурност во играта на рускиот тим. На стартот од последната четвртина Ростов Дон врза пет гола во серија и прв пат на натпреварот дојдоа до изедначување на 25-25. Тоа внесе доза на неизвесност во дуелот во кој во поголемиот дел ракометарките на ЧСМ Букурешт беа апсолутно доминантни и беше аларм за Пер Јохансон да побара тајм-аут.
Лошата серија на ЧСМ Букурешт конечно ја прекина Јоана Манеа доведувајќи го романскиот тим повторно во водство, а потоа одговорноста во нападот ја презеде и Кристина Неагу. ЧСМ Букурешт по тајм-аутот се врати во ритам и на осум минути пред крај повторно беше со солидни три гола предност (30-27) и остана во предност до крај.
Изабела Гулден со четири гола беше најефикасна во триумфот на ЧСМ Букурешт. Најдобриот стрелец во ЛШ ,Кристина Неагу, во последниот дуел додаде два гола и ја заврши сезоната со вкупно 109 погодоци. Кај Ростов Дон пет погодоци запиша Марина Судакова, а добра партија на голот во второто полувреме имаше Галина Макдиева со осум одбрани.
Финалето на годинашниот Ф4 турнир во ЛШ меѓу Вардар и Ѓер почнува во 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА