Данскиот клуб Митјиланд ќе биде противникот на ЖРК Вардар, кој во април ќе се обиде да им застане на патот на „црвено-црните“ во обидот четврта година по ред да стигнат до место на фајналфор турнирот од Лигата на шампионите во Будимпешта.
Европскиот првак ЧСМ Букурешт попладнево решаваше за сопствената судбина, но романскиот клуб одговори на предизвикот, па со победата на гостувањето против Есбјерг од 20-25 , бранителот на трофејот стигна до третото место, што значеше и „бегство“ од пресметка со „вардарки“ во реприза од ланското полуфинале во Будимпешта.
Мартин и Брадеану беа најефикасни кај ЧСМ на денешниот натпревар со по пет погодоци, а исто толку кај Есбјерг, кој го освои последното место во групата, постигна Карлсон.
Митјиланд во секој случај не е нималку наивен противник, ако се знае дека во главната фаза успеа да слави на домашен терен над Ѓер со 25-21. Данките се особено опасни пред своите гледачи, каде против ривалите од главната фаза забележаа четири победи, губејќи само од Ларвик (24-28). Во секој случај, јасно е дека „вардарки“ ќе ја имаат улогата на фаворитки во овој двомеч, но и истата да ја оправдаат на терен, не дозволувајќи осцилации како на последните неколку средби.
Во останатите четвртфинални пресметки европскиот првак ЧСМ Букурешт ќе се сретне со Ференцварош, Будуќност во дуелот на поранешните европски прваци ќе ги одмери силите со Ларвик, додека Ѓер ќе мора да внимава против незгодниот состав на Мец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА