Чудна, но вистинита статистика на Форбс: Барса е највредниот клуб на светот, иако има долг од над милијарда евра

Првпат во традиционалните рангирања на „Форбс“, Барселона е највреден клуб надминувајќи го својот најголем и најлут ривал Реал Мадрид. Според проценките, Барселона во моментов вреди 3,46 милијарди фунти, додека „кралевите“ вредат 3,45 милијарди, а тука е вклучена и вредноста на брендот, на имотот, годишните приходи што ги има клубот, како и вредноста на фудбалерите во тимот.

Угледниот магазин „Форбс“, објави дека Барселона е највредниот клуб на светот, иако долговите на петкратниот европски првак и еден од најголемите клубови во светскиот фудбал надминува една милијарда евра, што ги зачуди фановите и фудбалската јавност.

Зад двата великани на шпанскиот фудбал е европскиот првак Баерн Минхен со вреднот од 3,07 милијарди фунти, па следи Манчестер јунајтед (3,06 милијарди), Ливерпул (2,98 милијарди), Манчестер сити (2,91 милијарда), Челси (2,33 милијарди), Арсенал (2,04 милијарди), Пари Сен Жермен (1,82 милијарди) и Тотнем (1,67 милијарди).

Во овие топ десет дури шест се англиски премиерлигаши, а нема ниту еден италијански калчолигаш, па највреден клуб од Серија А е Јувентус на 11-то место. Во групата на 20 највредни и најбогати клубови се и Борусија Дортмунд, Рома, Интер, Атлетико Мадрид, Милан и Ајакс.

 

Се вчитува...