Чудо: Милано од „минус 17“ до победа, Ефес конечно заигра шампионски

Милано со неверојатен финиш успеа да го совлада Монако so 79-71, во најинтересниот дуел на вечерашната програма во Евролигата. Гостите имаа „плус 17“, а потоа на четири минути до крајот водеа со 58-70, но тогаш избраниците на тренерот Саша Обрадовиќ целосно застанаа. Милано предводен од извонредниот Били Берон успеа да се врати, направи серија од неверојатни 17-0, за водство од 75-70 на 39 секунди до крајот, на крајот претворено во конечен триумф од 79-71.

Валенсија во драматичен меч ја доби шпанската пресметка со Барселона (84-83). Домаќините имаа плус десет на нецели четири миунти до крајот, Барса дојде на само еден поен негатива со тројката на Миротиќ, но Џонс со мирна рака од линијата за слободни фрлања ја осигура победата на Валенсија, на крајот изразена со само еден поен разлика откако Калиниќ постигна тројка со звукот на сирената. Риберо со 16 и Дубљевиќ со 14 поени беа најдобри поединци во победничкиот тим, додека на Барса не и помогна ниту одличното издание на Лапровитола, кој го заврши мечот со 28 поени.

Анадолу Ефес одигра одличен меч и заслужено славеше со 88-69 над Панатинаикос, со што европскиот првак ја прекина серијата од два порази. Клајбурн беше одличен во првото полувреме, а во последната четвртина во ритам влез и Мициќ, па триумфот на турскиот гигант во ниту еден момент не беше доведен во прашање. Клајбурн со 23 поени и 10 скокови беше најдобар поединец кај Ефес, 19 поени и осум асистенции реализираше Мициќ, додека Бејкон беше прв стрелец на ПАО со 20 поени, сите постигнати во второто полувреме.

Жалгирис продолжи со одличните игри во Евролигата славејќи на домашен терен над Баерн Минхен со 75-67. Американецот Еванс беше најефикасен на мечот со дури 32 постигнати поени, додека гостинскиот тренер Тринкиери беше исклучен поради жестоките реакции на судиските одлуки во последната четвртина.

Евролигата никогаш не била поизрамнета, па така на делба на првото место со идентичен скор 10-5 се наоѓаат дури пет екипи, и тоа Фенербахче, Реал Мадрид, Басконија, Барселона и Монако.

Се вчитува...