Раул Гонзалес приреди уште едно ракометно изненадување, овојпат како селектор на Србија предводејќи ја оваа репрезентација до голем триумф над Германија од 30-27, исход со кој Србите воедно се и на чекор до пласман во следната фаза.
Успехот е уште поголем ако се знае дека по првото полувреме Србија имаше „минус четири“, но Раул тогаш ги направи потребните корекции во играта, неговиот тим влезе во ритам и со фантастичен финиш стигна до победата. Мора да се истакне и несреќната н околност на германскиот селектор, кој побара тајмаут секунда пред неговиот тим да постигне гол за израмнување. По тој момент Германците влегоа во уште поголема криза, а српските ракометари го искористија тоа за да стигнат до победата.
Новиот „вардарец“ Воркапиќ блескаше со шест погодоци, исто толку постигна и Којадиновиќ, додека Милосављев имаше 12 успешни интервенции. Србите сега се на чекор до следната фаза за што им е потребна победа над Австрија во последното коло, додека Германците за пласман во главната рунда ќе мора да слават со најмалку три гола над Шпанија.

Чешка одигра одлични 40 минути, но немаше сили за изненадување во Осло, каде ко-домаќинот Норвешка по голема борба успеа да стигне до победата од 29-25. Чесите се мачат со повреди, но и во таква ситуација покажаа карактер и квалитет, па по израмнетите 16-16 во првото полувреме, во продолжението Чешка имаше и „плус два“, но Норвешка беше подобар ривал во завршницата, го сврте резултатот во своја полза и стигна до триумф што значеше и пласман во следната фаза.
Бергеруд имаше 14 одбрани на голот на Норвешка, Мрква собра 17 интервенции за Чешка, а најефикасен во победничката селекција беше Педерсен со девет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

