Њу Ингланд патриотс повторно се шампиони на НФЛ лигата откако тимот предводен од неповторливиот Том Брејди славеше над Атланта фалконс (34-28) во најлудиот „Супербоул“ во историјата на американскиот фудбал. Првпат во историјата, во 51. издание на Супербоулот, победникот беше решен со продолжение, откако „патриотите“ на чудесен начин се вратија по очајното прво полувреме.
Атланта пред крајот на полувремето имаше предност од 21-0, а на стартот од третата четвртина фалконси имаа и 28-3, но кога сите помислија дека приказната е готова на сцена стапија Брејди и големиот стратег Бил Беличек, за најголемиот пресврт во историјата на Супербоул натпреварите.
Атланта имаше „плус шеснаесет“ на средина од последната четвртина, но Њу Ингланд на неверојатен начин се врати, не само со два тачдауни, туку и два успешни обиди за по два поени, за израмнување на 28-28 и одведување на мечот во продолжение, прво во историјата на Супербоул.
Играчите на Атланта беа нокаутирани, а Брејди го искористи тоа за да го зададе завршниот удар, па првиот напад во дополнителниот период заврши со тачдаун за конечен триумф на „патриотите“ од Њу Ингланд.
Со тоа, Том Брејди со рекордни 466 фрлени јарди си обезбеди место во историјата како прв квотербек со пет шампионски прстени, но и прв играч со четири МВП признанија на Супербоул натпреварите, во дуелот за кој дефинитивно уште долго ќе се зборува.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА