Хрватска приреди уште една сензација на СП во Катар, обезбедувајќи пласман во полуфиналето откако во првата четвртфинална пресметка го совлада големиот фаворит Бразил. „Кариоките“ не успеаја да ја оправдаат фаворитската улога, имаа водство преку Нејмар во 105. минута, но примија гол во второто продолжение и потоа во пенал-рулетот капитулираа пред одличниот хрватски состав. Голманот Доминик Ливаковиќ беше херој на Хрватите и на овој натпревар, бранејќи одлично во текот на 120-те минути игра, а потоа и запирајќи го првиот пенал на Родриго, за најава на супер-сензацијата.
За разлика од претходните ривали на Бразил, „коцкестите“ не се решија да се бранат на сопствената половина, туку со пресинг уште на противничкиот дел од теренот го исфрлија од ритам противникот. Јурановиќ е многу опасен по десната страна, уфрлајќи се од позадина, а токму овој фудбалер одлично втрча и изнуди жолт картон од Данило, кој опасно играше со високо крената нога. Бразил имаше убава можност кога Винисиус одигра двојно додавање со Ришарлисон, но Гвардиол се најде на вистинското место и не дозволи топката по ударот на асот на Реал воопшто да стигне до голманот Ливаковиќ.
Второто полувреме донесе поинаква слика на теренот, откако Бразилците притиснаа и многу полесно ја префрлаа топката во противничкиот шеснаесетник. Хрватска за среќа го имаше извонредниот Ливаковиќ на голот, откако соиграчот на нашите Адеми и Ристовски од Динамо Загреб блесна во вистински момент, бранејќи ги одличните шанси на Нејмар и на Пакета. Во периодот од 75. до 80. минута Нејмар и Пакета повторно имаа опасни удари кон хрватскиот гол, но исто како и претходно, Ливаковиќ повторно беше поуспешен од нив.
Хрватите својата прва шанса на мечот ја имаа во 102. минута, кога Петковиќ одлично се ослободи од двајца бразилски дефанзивци, испрати одлично додавање до Брозовиќ, но асот на Интер од петнаесетина метри шутира крајно непрецизно. Казната стигна само три минути подоцна, кога Нејмар блесна во сиот свој сјај, одлично втрча во шеснаесетникот, го мина и Ливаковиќ, на крајот сместувајќи ја топката во мрежата.
И кога се чинеше дека Бразил ќе знае да ја задржи предноста за да го обезбеди пласманот меѓу најдобрите четири селекции во светот, Хрватска блесна и успеа да израмни. Во главна улога беше тандемот на Динамо Загреб, Оршиќ – Петковиќ, првиот одлично втрча по левата страна и одигра повратна топка, додека Бруно со силен удар и со мала помош од Маркињос ја смести топката во мрежата.
Мечот го решаваше пенал-рулет, а во него Ливаковиќ блесна уште во првата серија, запирајќи го Родриго, откако Влашиќ претходно ја доведе Хрватска во водство. Ловро Мајер погоди за 2-0 за „коцкестите“, Кашемиро беше прецизен за Бразил за 2-1, следеше умешна реализација на Лука Модриќ, потоа и Педро, па по три серии од пенал-рулетот Хрватите имаа водство од 3-2. Притисокот падна врз Мислав Оршиќ, но и тој беше прецизен во четвртата серија за Хрватска, а кога Маркињос биеше во дирекот – тоа значеше огромна сензација – пласман на Хрватска во полуфиналето и елиминација на Бразил.
Хрватска за противник во полуфиналето ќе го има подобриот од дуелот Холандија – Аргентина, што на програмата е вечерва со почеток во 20 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА