Горан Пандев би можел да се врати назад во Интер и да ја заврши кариерата во клубот со кој го оствари најголемиот успех станувајќи европски шампиони во 2010 година. „Нероаѕурите“ се во потрага по напаѓач кој би бил резервна опција за Лукаку и Мартинез, а откако отпаднаа опциите Оливие Жиру и Фернандо Љоренте, челниците на клубот од Милано упорно бараат уште еден офанзивец кој би му бил на располагање на тренерот Конте.
Италијанските медиуми тврдат дека на помалку од два дена до крајот на преодниот рок, на врвот на листата со желби на „нероаѕурите“ се наоѓа токму името на Горан Пандев. Македонецот игра во одлична форма во последните два месеци во дресот на Џенова, планираше да ја заврши кариерата во овој клуб, но лесно може да дојде до пресврт откако Интер реши да се обиде да го врати назад на „Џузепе Меаца“.
На потег сепак се челниците на Џенова, кои ќе мора да одлучат дали да го задржат македонскиот репрезентативец, кој би им бил од голема помош во борбата за опстанок во елитното друштво.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА