Јелена Остапенко е сензационалната победничка на Ролан Гарос откако 20-годишната летонска тенисерка во супердраматично финале славеше над Симона Халеп со 2-1 во сетови. Иако се најде во негатива од 0-1, потоа губеше и со 0-3 во вториот сет, Остапенко со извонредно храбра и офанзивна игра стигна до целосен пресврт, кревајќи го првиот гранслем трофеј во кариерата иако досега немаше освоено ниту еден ВТА трофеј. Храбрата игра придонесе таа да го заврши мечот со 54 винер-удари, но и исто толку неизнудени грешки, наспроти осум винери и десет неизнудени грешки на Халеп.
Остапенко импресивно го стартуваше мечот, стигнувајќи до брејк без притоа да дозволи Халеп да освои ниту еден поен. Сепак, Романката набрзина возврати, експресно израмнувајќи на 1-1, а потоа и поведувајќи со 2-1 во првиот сет. Темпото на игра го диктираше Остапенко, но честите грешки на летонската тенисерка овозможија Халеп да го добие првиот сет со 6-4, користејќи ја првата сет-топка. Само за споредба, Халеп имаше само еден винер-удар наспроти 14 на Летонката, но затоа Романката имаше и три неизнудени грешки, додека Остапенко дури 23 пати и подари поен на својата противничка.
Романската тенисерка беше далеку подобра и на стартот од вториот сет, поведувајќи со 3-0. И кога се чинеше дека работата е завршена, Халеп не искористи неколку брејк-шанси за 4-0, по што Остапенко нанижа четири гејма и поведе со 4-3. Хапел одговори со рибрејк, но Летонката потоа ги освои следните два гејма, триумфирајќи со 6-4 во вториот сет.
Симона Халеп беше подобра и на стартот од решавачкиот сет, поведувајќи со 3-1, но идентично како и триесетина минути претходно, Остапенко одговори со своја серија, па Белорусинката стигна до предност од 4-3 и сервис. Романката веќе ја загуби самодовербата, па 20-годишната Остапенко стигна до својата прва гранслем титула во кариерата, добивајќи го решавачкиот сет со 6-3.
Со овој пораз, Халеп не ја искористи можноста да се искачи на врвот на ВТА-листата, додека на Остапенко сигурно и претстои огромен скок на ранкингот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА