Милан на осум кола до крајот на сезоната се наоѓа на врвот на калчолигашката табела, „росонерите“ се наоѓаат во извонредна форма и се многу блиску до освојување на скудетото. Успехот е уште поголем ако се земат во предвид огромните финансиски проблеми со кои се соочуваше клубот од „Сан Сиро“ до пред неколку години, кога поради неисполнување на критериумите за финански ферплеј дури доби и суспензија за европски настапи од УЕФА.
А токму тогаш работите целосно под своја контрола ги зеде Паоло Малдини, кој дојде во клубот заедно со Звонимир Бобан, а по отказот на Хрватот, легендарниот дефанзивец се покажа како исклучително успешен фудбалски оперативец.
Впрочем, тоа најдобро го потврдуваат бројките. Милан ја заврши сезоната 2018/19 на петтото место, а имаше буџет за плати од 142.693.000 евра. Нецели три години подоцна, „росонерите“ не само што се први, туку до тој успех стигнуваат со буџет за плати од 81.960.000 евра, што е за 43% понизок.
Рецептот за успех е јасен, Малдини во изминатиот период се откажа од скапи и преплатени играчи, наместо тоа погодувајќи ги вистинските засилувања за „росонерите“, како Бенасер, Тонали, Леао, Тео Хернандез, Мењан…
Дури и во ситуација кога лани клубот го напуштија Чалханоглу и Донарума без ниту едно евро отштета, Малдини не очајуваше туку веднаш најде достојни замени. Мењон е најдобар голман во Калчо-лигата сезонава, додека заминувањето на Чалханоглу овозможи во сиот свој сјај да блесне Тонали. Од Челси беше доведен Жиру за помалку од три милиони евра, а токму Французинот постигна неколку клучни голови на дерби-дуелите, предводејќи го Милан до врвот на табелата.
За летово се најавува заминување на Кеси во Барселона, но веќе нема сомнеж дека Милан ќе се снајде и без овој стандарден првотимец. Бидејќи на своето кормило го има чудотворецот Паоло Малдини.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА