ЕКИПА во Келн,
Стеван Цаневски, Игор Паневски
Вардааррррр….ШАМПИОН!!! Чупиииииќ. Рака ти се позлатила. Седум секунди до крајот. Исто како вчера. Нерешено. ПСЖ мислеше дека се извлече, но Иван Чупиќ со гол во последната секунда го реши најмоќниот, за триумф од 24-23. За европска титула во машка конкуренција. Вардар е победник на Лигата на шампионите!!!
Вардар подобро го започна финалето. Цврстата одбрана и одличниот Штербик можеби не беа изненадување за ПСЖ, но делуваа беспрекорно. Во нападот, Чупиќ двапати погоди од седмерец, Душебаев го пронајде патот до мрежата на Омејер, а потоа и Дибиров, за водство од 2-5 за „црвено-црните“ по 12 минути игра.
Се разбудија и Хансен и Генсхајмер, но Дибиров во контранапад, а по одличните одбрани на Штербик, донесоа нова предност од три гола (4-7) по 20 минути.
Но, ПСЖ е премногу моќен за така лесно да се предаде. Искусниот Нарсис влезе на теренот, се раздвижи играта во нападот, Омејер беше одличен на голот, и францускиот тим израмни на 10-10. На крајот од првиот дел стигна и до водство од 12-11.
Дибиров му продаде „вртенка“ на Омејер на стартот на вториот дел за израмнување (12-12). Нарсис донесе водство, но потоа и Штербик покажа врвна класа, па Циндриќ израмни на 13-13. Серијата продолжи со Душебаев и Циндриќ за ново водство на Вардар од два гола (13-15).
Во 37.минута, Нока Сердарушиќ се реши за ново изненадување, игра во нападот „7 на 6“. Никола Карабатиќ намали на 15-16.
Шишкарев одлично одзема топка во одбраната и извлече противнапад за водство од 16-18 по 40 минути игра.
ПСЖ продолжи да игра „7 на 6“, и тоа им се одмазди. Загубија две топки, а Абутовиќ и Шишкарев зголемија на 17-20.
Играта стана се погруба, следеа исклучувања, а Нарсис погоди за 19-20. По ова Дибиров „летачки“ спаси во одбраната, а Канелјас го награди со погодок. Но, Абало изведе магија (20-21). Се појави и Генсхајмер и израмни на 21-21, на осум минути до крајот.
Дибиров направи уште една феноменална кражба и погоди за ново водство на Вардар (21-22). Потоа и Борозан упати проектил за два гола предност. Ремили намали. Но, Циндриќ го исфинтира Лука Карабатиќ, кој заработи исклучување. Дибиров не реализира, и ПСЖ појде во последен напад, а Сердарушиќ зема тајмаут. Нарсис даде гол.
Но, Раул Гонзалес побара тајмаут, а Иван Чупиќ во последната секунда го освои пехарот.
Вардар е шампионннннн на Европааааа!!!!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА