Иван Чупиќ не го криеше разочарувањето откако Загреб загуби со 24-20 на првиот дуел од четвртфиналето на СЕХА против Вардар. Според крилниот ракометар, конечниот исход е нереален ако се земат во предвид случувањата на теренот.
„Цел натпревар се движеше меѓу еден и два гола разлика, секако дека е непријатно кога ќе завршите со четири гола негатива. Едно лизгање, топка во аут, едно вкрстување и топка во аут… екипа како Вардар знае како да го искористи тоа. Ова е и голема и мала разлика, сигурно ништо не е готово, и овој меч исто така беше неизвесен, имаме четири дена да се подготвиме за реваншот. Првиот натпревар е само прво полувреме, сигурно треба многу детална анализа, пред се за грешките во нападот. Желбата и страста беа на висина, се виде дека и двете екипи сакаат да играат на фајналфор, но Вардар за малку денеска беше подобар.
За Хрватот кој освои две европски круни со Вардар ова беше прв меч против „црвено-црните“ по трансферот во Загреб.
„Два дена се ми е чудно, но кога ќе дојде почетокот на натпреварот се исклучувам и давам се на терен за мојот тим. Сега кога мечот заврши ми се будат најразлични емоции и сеќавања. Сега мој клуб е Загреб, но искрено ми е многу мило што по година и пол повторно ги гледам навивачите во „Јане Сандански“, изјави Чупиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА