Иван Чупиќ имаше причина за задоволство откако Вардар ја продолжи победничката серија од стартот на сезоната, со триумф над актуелниот првак Е. Пелистер.
„Вардарци“ покажаа и квалитет и карактер заслужено стигнувајќи до бодовите, но Чупиќ јасно стави до знаење дека нема да дозволи еуфорија, без оглед колку е слатка оваа победа.
„Ова е мое прво дерби во „Јане Сандански“, но не победив јас туку овие момци во соблекувалната, сакам да им се заблагодарам за желбата, за залагањето. Вечерва победи вардаровото срце, во оваа полна сала, честитки до момците за оваа петта победа од стартот на сезонава. Тоа е тоа, сега малце да се провеселиме, а за три дена пред нас е нов натпревар. Како што кажав и сто пати досега – трката за титулата е маратон, оваа победа над Пелистер значи само два бода, ни повеќе ни помалку. Супер што победивме, имаме „пет од пет“ на стартот од сезоната, но ќе продолжиме да работиме за да напредуваме уште повеќе“, истакна Хрватот на клупата на Вардар.
Според него, победата е апсолутно заслужена и го покажа патот по кој Вардар треба да продолжи да се развива во периодот што следи….
„Имавме резултатска контрола, но имавме проблеми со црвениот картон на Борозан во првото полувреме, имавме и мали проблеми со голманите, но мислам дека од првата до последната минута презентиравме повеќе желба, повеќе борба и заслужено победивме. Секако, кога имаме повеќе време за тренинг и за воигрување, има и се помалку осцилации и „црни дупки“ во нашата игра. Можеби промашувавме зицери во завршницата, но ова е патот по кој Вардар треба да продолжи да чекори“, порача Чупиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

