Чупиќ: Вардар секогаш има големи амбиции

Двократниот европски шампион иако веќе неколку денови тренира денеска и официјално ги стартуваше подготовките за новата сезона во која ќе бидат предводени од Иван Чупиќ.

Легендарниот хрватски ракометар, а сега тренер на „црвено-црните“ на стартот на подготовките вели дека Вардар секогаш има големи амбиции.

„Вардар има големи амбиции, како и секогаш. Сега со нови играчи и со новиот стручен штаб изгледаме како многу подобра екипа од минатата сезона. Почнуваме со тренинзи, се запознавме и полека чекор по чекор ќе напредуваме. Не ги криеме амбициите и во домашното првенство и во Европа. Квалитетот кој го имаме е многу важен, но за мене сите играчи се нови. Тешка задача е пред нас, но ништо лесно не доаѓа во животот. Многу сум задоволен од стручниот штаб и со целата екипа и сите амбиции кои сами себе ги поставуваме, можеме да ги оствариме. Амбициозни сме и верувам дека околу 1 јуни 2026 година ќе се радуваме.

Разговарав со моите соработници и со сите играчи во екипата и општ е ставот дека Вардар е голем клуб и пред нас е маратон. Ништо не се одлучува за еден месец и до јуни следната година сите сме на проба дали сме на нивото на Вардар или не. Ракометарите ги минаа медицинските тестови, тестовите на снага и трчање и сите сакаат да се докажат во овој дрес“, рече Чупиќ.

Се вчитува...