Чупиќ во „ПРЕСИНГ“: „Во Вардар за два месеци ќе научиш повеќе отколку во Германија за две години!“

Човекот чие име со златни букви е запишано во историјата на Вардар, македонскиот ракомет и македонскиот спорт воопшто, Иван Чупиќ, кој во 2017 година ја донесе титулата европски шампион за „црвено-црните“ гостуваше во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК.

Сега актуелниот тренер на РК Вардар, кој со своето доаѓање повторно во Скопје во голема мера го препороди македонскиот ракометен бренд повторно внесувајќи шампионски амбиции во клубот, меѓу бројните теми зборуваше и за тоа како се случи понудата, некако неочекувано, да ја преземе тренерската палка на Вардар.

„Беше многу чудно и изненадно моето доаѓање како тренер во Вардар. Го гледав на телевизија во Хрватска додека бев на одмор најважниот дуел меѓу Вардар и Пелистер за шампион на Македонија. Вардар загуби на тој натпревар, за жал, а Пелистер си освои третпат едноподруго титула. После два дена ми се јавија и претседателот и директорот на Вардар дали сум заинтересиран да бидам тренер на клубот. Не бевме пред тоа никогаш во контакт врзано за тренерската работа, за мое враќање во Вардар. Но, испадна навистина и брзо и конкретно и на прв збор и на прво јавување. Прифатив веднаш… После пет до седум дена сè беше решено, и со мојот клуб Метковиќ, бидејќи бев под договор таму уште една година. На моja среќа сé тоa заврши добро. Затоа што за мене е голема чест и гордост пак да сум дел од Вардар. И со таа тренерска работа да почнам во така голем клуб каков што е Вардар. Добив многу голема шанса и секој ден сум благодарен за таа шанса“ – вели Чупиќ.

Еден од најдобрите хрватски ракометари во историјата, не крие дека со огромна почит гледа кон Вардар кој го чувствува за свој клуб и засекогаш го носи во срцето.

„Со голема гордост и почит гледам на Вардар. Како играч поминав се и сешто, и убави и тешки моменти… Што се однесува до притисокот, јас тоа го разбирам као чест, бидејќи не може секој да има притисок. Притисокот треба да е некоја привилегија само на најдобрите. Притисокот значи дека некој очекува од тебе нешто, затоа што знаат дека вредиш. Нормално дека Вардар секогаш е мојот клуб и знам многу добро во кој клуб доаѓам, и знам какви се очекувањата од Вардар. Не ми беше тешка одлуката затоа што сакам да водам големи клубови и големи тимови, да тренирам големи играчи. Така да, едноставно го прифатив ова не како некое бреме туку како чест“ – вели Чупиќ и дополнува:

„Ако си вистински вардарец и ако го сакаш Вардар, и ако си амбициозен како играч како тренер, мислам дека за секого на овој Балкан, Вардар е вистинскиот клуб. Затоа што тука може за само два месеци да се научат работи кои можеби во Германија да ги научиш за две години!“

==========================================

ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ИВАН ЧУПИЌ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…

Се вчитува...