Чупиќ за заминувањето на Стоилов од Вардар токму со неговото доаѓање: „Се слушнавме и видовме…“ (ВИДЕО)

Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК гостин дефинитивно едно од најславните имиња на РК Вардар, Иван Чупиќ.

Човекот кој во 2017 година ја донесе европската титула за црвено-црните, максимално отворено за „ПРЕСИНГ“ на бројни теми, меѓу кои осврнувајќи се и на прашањето за заминувањето на македонската ракометна легенда Столе Стоилов од Вардар токму со неговото доаѓање во клубот.

„Може да го кажам тоа што јас го знам, и тоа што се однесува на мене. Јас кога добив повик од Вардар да дојдам како тренер, еден од моите услови да станам тренер беше да имам слобода да донесем свој тим со кој сакам да работам бидејќи така е тоа секаде во светот и мислам дека е логично. И клубот се согласи веднаш со тоа. Ме прашуваше клубот во два наврати каква е ситуацијата со Столе, дали го гледам во стручниот штаб или не го гледам? Јас кажав дека во овој момент сакам, после три-четири години во кои Столе беше во клубот, три-четири години беше и Недановски тренер и потоа Аргентинацот, мислим дека е дојдено време за нов стручен штаб да се донесе и дека мојот план е сите што работат со мене да бидат чисто професионалци, мора само тоа да го работат. Бидејќи мислам дека Вардар со оваа амбиција да стане шампион, а утре и да игра Лига на шампиони, ние како стручен штаб мора да сме на диспозиција на играчите 24 часа, односно 7/24. И мислам дека во овој момент моето размислување како тренер, како професионалец, е дека никој кој работи со мене не може ништо друго приватно да работи, и мора да е 100% во функција на клубот“ – открива Чупиќ и дополнува:

„Потоа зборувавме со клубот од каде ми кажаа дека има опција и дека сакаат Столе да остане во клубот. И спортскиот директор ми кажа дека сака да остане во клубот. Да работи, мислам, во академијата со младите тимови и да работи во репрезентацијата и дека тоа ќе му понудат. Е сега, што се случи понатаму меѓу директорот, претседателот и Столе, дали тие му го понудија тоа, дали одби, дали сакаше нешто друго… Тоа навистина ниту го прашав Столе, ниту прашав во клубот и мислам дека не е на мене да прашувам, ниту нешто да барам од клубот, ниту од Столе. Некои работи секој си прави за себе тоа што мисли дека е најдобро за него“.

А, дали се слушнаа и видоа после тоа по доаѓањето на Чупиќ во Скопје?

„Да. Кога дојдов во Скопје му се јавив, ме интересираше неговото видување за екипата, за тоа што тој мисли, бидејќи тој работеше две-три години како помошник на тренерот. Навистина е упатен во многу работи што се однесува на играчите. Имавме еден отворен и коректен разговор со него. И сега од време на време си се допишуваме и ми честита некои победи. Така да имаме зборувано два-три пати. Ама да бидам искрен, навистина оваа работа која ја правам сега стварно бара многу време. Сè што малку слободно време имам сакам да сум дома со жената и децата, бидејќи многу е долг работниот ден“ – вели Чупиќ во „ПРЕСИНГ“.

ЦЕЛИОТ СПОРТСКИ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ИВАН ЧУПИЌ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…

Се вчитува...