Фудбалската репрезентација на Македонија со мечот на домашен терен против аутсајдерот Малта на 23. март ќе ги стартува квалификациите за пласман на Европското првенство кое следната година ќе се игра во Германија.
Во репрезентативниот дрес свој кам-бек ќе има и Дарко Чурлинов кој во претходните циклуси поради повреда не можеше да му се стави на располагање на селекторот Благоја Милевски.
„Навистина се радувам и среќен сум што по подолго време повторно ќе бидам дел од македонската репрезентација. Изминатите месеци поради повредата на мускулот беа тешки за мене, но сега повторно сум во натпреврувачка форма и се разбира дека тоа сакам да го пренесам на репрезентативните предизвици кои ни следуваат. Јас ги пропуштив последните три репрезентативни собири и навистина со нетрпение го очекувам собирот за почетокот на квалификациите за ЕП 2024. Речиси секојдневно сме во контакт со репрезентативните колеги и можам да потврдам дека го делиме истото чувство. За нас, почетокот на квалификациите е многу важен. Фаворити сме против Малта, но тоа треба да го покажеме на терен. Имаме сила, веруваме во себе и така ќе се поставиме. Ќе се обидеме да го пренесеме на терен тоа што од нас го бара селекторот. Некогаш резултатите се добри, некогаш не, но целта е што подобро да ја претставиме Македонија и да постигнеме најдобар можен резултат. Ќе дадеме се од себе во овие квалификации и верувам дека можеме да направиме голема работа“, изјави Чурлинов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА