Чурлинов и Шалке го зедоа скалпот на лидерот

Шалке забележа голема победа од 3-1 на дуелот со Сент Паули, земајќи го скалпот на моментниот лидер во втората Бундес-лига. Тимот на нашиот Дарко Чурлинов се бори за опстанок, а нема сомнеж дека бодовите од денешниот дуел ќе им бидат од огромна помош на „сино-белите“ за бегство од опасната зона на табелата.

Гостите од Хамбург можеби на хартија беа фаворити, но Шалке прикажа далеку помотивирана игра со која „сино-белите“ често беа во противничкиот шеснаесетник. Наградата стигна пред самиот крај на првото полувреме, кога по едно додавање од левата страна на вистинското место се најде Кабадаји и од непосредна близина ја смести во мрежата.

Сент Паули мораше да се отвори, а Шалке го искористи поголемиот простор на противничката половина, повторно Кабадаји се најде на вистинското место по една одбиена топка и без многу мака погоди за 2-0.

Дарко Чурлинов влезе во игра во 78. минута на местото на двојниот стрелец Кабадаји, македонскиот репрезентативец една минута подоцна доби жолт картон, но не успеа да влезе во посериозна шанса за гол до крајот на мечот.

Се вчитува...