Чурлинов: Играме за Македонија, и не смее да има изговори!

Македонската репрезентација денеска ги започна подготовките за натпреварите против Италија (17. ноември) во Рим и Англија (20. ноември) на Националната арена „Тодор Проески“ од квалификаците за ЕП 2024.

Членот на англискиот премиерлигаш Барнли, Дарко Чурлинов веќе активно се врати на фудбалските терени по неколкумесечната пауза поради здравствени проблеми.

Чурлинов одигра квалитетни минути и на претходниот репрезентативен натпревар против Украина во Прага, но иако имаше извонредна можност (не)среќата не му дозволи да се радува на погодок… Сега Чурлинов нагласува дека, и покрај тоа што се загубени шансите за пласман на ЕП 2024, мора да се одигра максимално за Македонија.

„Иако немаме шанса за пласман на Европско првенство, ќе дадеме се од себе, така ќе биде и овој пат, така е секогаш кога играме за Македонија. Знаеме какви светски сили се Италија и Англија. Ќе ги анализираме противниците, немаме што да загубиме и едноставно треба да одиграме максимално ангажирано. Секогаш е добро кога има конкуренција во тимот, во добра натпреварувачка форма сме и се надевам дека тоа ќе го искористиме. Ќе се обидеме да го спречиме италијанскиот состав да не победи. Играме за Македонија, а кога сме овде не постојат изговори“ – изјави Чурлинов пред денешниот прв тренинг на националниот тим.

Првиот тренинг Македонија ќе го одработи од 17 часот на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ на комплексот Куќа на фудбалот во Скопје.

Се вчитува...