Да се биде или не: Македонија оди на се или ништо против Литванија

Македонската ракометна репрезентација е горд учесник на сите големи натпреварувања уште од 2012 година, серија што селекторот Кире Лазаров и неговите избраници ќе се обидат да ја продолжат со настап и на ЕП 2026. Променливите игри во овој квалификациски циклус придонесоа „црвено-жолтите“ на едно коло до крајот да немаат билет за европскиот шампионат, туку токму во последните 60 минути да се борат за учество на континенталниот собир што следниот јануари ќе се одржи во Скандинавија.

Литванија е нашиот противник против кого мораме да бркаме не само победа, туку и истата да биде изразена со најмалку два гола разлика, колку што загубивме од Литванците на првиот дуел со оваа селекција. Балтичката земја никогаш не важела за ракометна, но Литванците токму со триумфот над нас јасно покажаа дека никако не смеат да бидат потценети.

Сепак, фактот дека ќе играме на домашен терен во СЦ „Јане Сандански“, пред полни трибини, сигурно ќе биде огромен адут за нашите ракометари во атакот на посакуваниот резултат.

„Играме многу важен натпревар за пласман на големо натпреварување. Треба да бидеме константни во текот на сите 60 минути. Литванија има одлична транзиција и треба да бидеме поготово добри во враќањето назад. Нашата предност е домашниот терен и нашите навивачи. Натпреварот ни е подготвени и ќе се бориме до крај“, внимателен е селекторот Кире Лазаров пред денешниот меч.

Претпазливоста на стручниот штаб е сосема нормална работа, но факт е дека Македонија поседува и квалитет и искуство за да дојде до посакуваниот резултат. А токму поразот во Литванија ќе биде мотив плус, но и гаранција дека ривалот нема да биде потценет, туку нашите асови со максимална ангажираност ќе сторат се за да се пласираат на уште едно европско првенство.

Се вчитува...