Еден месец кошаркарите на МЗТ Скопје чекаа да ги израмнат сметките со Фени индустри по оној изненадувачки пораз во полуфиналето од Купот на Македонија. Чекаа и дочекаа, а кога дојде моментот наплатија „со камата“, вечерва демолирајќи го ривалот од Кавадарци со огромни 27 поени разлика (86-59).
„Металците“ конечно заиграа одбрана онака како што бараше тренерот Анте Назор од нив веќе извесно време, згора на тоа, успехот е остварен без својот главен блокер Џош Скот, кој се врати во САД, како и без Мијатовиќ, кој ќе ја чека одлуката на „апелација“ за раскинот на договорот со Куманово за да се врати назад во МЗТ Скопје.
Во нивно отсуство шанса доби Младеновски, кој одигра солидно во минутите што ги мина на теренот, своите „пет минути“ ги искористи и Мекиќ, така што Назор мора да биде задоволен од комплетното издание на својот тим. Поголемите предизвици допрва претстојат, но добро е што МЗТ конечно одигра еден меч шампионски, оставајќи ги зад себе бројните разочарувања од АБА-лигата.
[new_royalslider id=”536″]
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА