Џирона продолжува да ги освојува симпатиите на неутралните фудбалски фанови откако овој тим одржа нова лекција во шпанската Ла Лига, декласирајќи ја Севилја со 5-1. Во главна улога беше украинскиот напаѓач Довбик, кој постигна хет-трик за само шест минути покажувајќи дека е супер-инвестиција откако минатoто лето од Дњипро потпиша за Џирона за седум милиони евра, најскап трансфер во клупската историја.
Интересно, Севилја беше тимот што прв дојде во водство на овој дуел откако Ромеро во 10. минута го матираше домашниот голман. Тоа беше само знак за будење на Џирона, па Довбик одигра брилијантни шест минути, во 13. најпрвин стрелаше со глава за 1-1, потоа рутински реализираше по додавање од левата страна за 2-1 во 16. минута, за во 19. минута да го комплетира својот хет-трик со еврогол од дваесетина метри.
Гостите не знаеја што ги снајде, не успеаја да се вратат во натпреварот, напротив – Џирона во второто полувреме постигна и четврти погодок што беше дело на Циганков, за во 89. минута Стуани да ги постави конечните 5-1.
Со овој триумф Џирона се врати на чело на табелата во Ла Лига со 52 бода, пред Реал Мадрид со 51 и Барселона со 44 бода, но „кралевите“ и каталонците имаат и по еден натпревар помалку во однос на лидерот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

